Автогол и Гури ја израдуваа Шкендија на полувремето во Ереван (ВИДЕО)

Тетовска Шкендија има предност на гостувањето во Ереван од 0-2, и направи огромен чекор на патот кон 2. квалификациско коло во Лигата на Конференции. Избраниците на Артим Шаќири многу рано дојдоа до предност, а тоа како да влијаеше и психолошки на домашните кои се заканија само еднаш, додека Шкендија преку Дориев можеше и порано да стигне до 0-2, а тоа им успеа пред последниот судиски свиреж од првиот дел.

Уште во својата прва акција Шкендија дојде до водство, иако имаше и малку среќа. Уште во 2. минута еден противнапад на десната страна Шала сакаше да го проигра Дориев на другата страна, а Браво во обид да интервенира си постигна автогол.

После две минути се тресеше и мрежата на Шкендија од слободен удар, меѓутоа голот беше поништен поради офсајд.

Во 25. минута „зицер“ на Дориев, кој излезе сам пред голот, но шутираше само крај голот на Арарат. Ако погодеше Дориев, тоа веројатно ќе беше крај на сите надежи на Арарат. Дориев во 35. минута имаше уште една прилика. Убав дриблинг и удар, но чуварот на мрежата на домашниот тим успеа да одбрани и да спаси водство од два разлика за Шкендија.

На крајот од полувремето Шала имаше шанса, меѓутоа во завршницата шутираше млако.

Во судиското надополнување, во 48. минута беше досуден корнер за Шкендија, кој го изведе Хасани и одлично го проигра Гури, кој со глава погоди во голот на Арарат.

 

Се вчитува...