Баерн даде зелено светло – нема да бара отштета за Нагелсман да стане селектор на Германија

Јулијан Нагелсман е чекор поблиску до селекторската функција во германската репрезентација по позитивните сигнали што пристигнале од Баерн Минхен. Младиот стратег се уште е под договор со Баерн до 2026 година иако доби отказ пред околу шест месеци, а баварците летово бараа отштета од клубовите кои сакаа да го доведат Нагелсман на своето кормило.

Сепак, кога станува збор за националниот тим ситуацијата е поинаква, па челниците на Баерн испратиле порака до раководството на Германската Фудбалска Федерација дека воопшто нема да се бара отштета, ако Нагелсман е изборот за нов селектор. Баварците имаат два услови, првиот е Нагелсман да биде тргнат од нивниот платен список, односно федерацијата целосно да ја преземе неговата плата, како и да биде организиран пријателски меч меѓу Баерн и Германија што ќе се одигра на „Алијанц Арена“.

Челниците на федерацијата наводно се подготвени да ги прифатат двата услова. Се очекува во следните денови да дојде до директни преговори со Нагелсман, по што овој стручњак речиси сигурно ќе седне на клупата на репрезентацијата. Во меѓувреме, на денешниот пријателски дуел со Франција германскиот национален тим ќе биде предводен од Руди Фелер.

Се вчитува...