Баерн го најде лекот за ПСЖ

 

На серијата од пет победи по ред на ПСЖ во Лигата на шампионите и дојде крај откако „светците“ вечерва загубија со 3-1 на гостувањето против Баерн. Емери не тактизираше со составот и тргна максимално офанзивно на „Алијанц арена“, но германскиот првак знаеше како да го искористи тоа и стигна до заслужена победа со која им се одмазди на „светците“ за поразот во Париз од пред околу два месеци. Левандовски ја отвори серијата голови во Минхен, а потоа два погодоци постигна Толисо, додека единствениот гол за ПСЖ беше дело на Мбапе по извонредната асистенција на Кавани. Проблем за Унаи Емери ќе претставува повредата на Тијаго Силва, кој сега ќе мора да отсуствува извесно време од терените.

Атлетико Мадрид го заврши својот настап во ЛШ за сезоната откако двократниот вицешампион одигра само 1-1 на гостувањето против Челси. Англискиот клуб беше далеку подобар на теренот, Атлетико сепак прв поведе со голот на Саул Нигез, но Челси заслужено израмни со автоголот на Савиќ во 75. минута.

Рома дојде до посакуваните три бода против Карабах, Пероти беше стрелец на победничкиот гол по одбиената топка по зицерот на Џеко, доволно за „волчицата“ не само да се пласира во осминафиналето, туку и да стигне до првото место во својата група.

Во групата А тимот на Манчестер јунајтед со два гола во две минути направи целосен пресврт и славеше над ЦСКА Москва со 2-1, благодарение на Лукаку и Рашфорд. Покрај „ѓаволите“, во осминафиналето од оваа група се пласира и Базел, откако швајцарскиот шампион славеше на гостувањето против Бенфика (0-2), оставајќи го португалскиот гигант како најголемо разочарување во ЛШ сезонава, без ниту еден освоен бод.

Јувентус го осигура своето место во осминафиналето со победата од 0-2 во Атина над Олимпијакос, обезбедена со погодоците на Квадрадо и на Бернардески.

Барселона славеше со 2-0 над Спортинг, меч на кој првото полувреме за гостите го одигра македонскиот репрезентативец Стефан Ристовски. По неговото излегување од игра Барса ги постигна двата погодоци, првиот дело на Пако Алкасер, а вториот во судиското продолжение автогол на екс-дефанзивецот на каталонците, Матиу.

ГРУПА А: Манчестер ј. – ЦСКА 2-1, Бенфика – Базел 0-2.

Табела: Манчестер ј. 15, Базел 12, ЦСКА М. 9, Бенфика 0.

ГРУПА Б: Баерн – ПСЖ 3-1, Селтик – Андерлехт 0-1.

Табела: ПСЖ 15, Баерн 15, Селтик 3, Андерлехт 3.

ГРУПА Ц: Челси – Атлетико 1-1, Рома – Карабах 1-0.

Табела: Рома 11, Челси 11, Атлетико Мадрид 7, Карабах 2.

ГРУПА Д: Барселона – Спортинг 2-0, Олимпијакос – Јувентус 0-2.

Табела: Барселона 141, Јувентус 11, Спортинг 7, Олимпијакос 1.

Се вчитува...