Баерн Минхен ги претстави двете гратис-засилувања

Баерн Минхен денеска на официјална прес-конференција ги претстави првите две засилувања за наредната сезона, Конрас Лајмер и Рафаел Гереиро. Баварците успеаја да ги обезбедат потписите на играчите на Лајпциг и Борусија Дортмунд без никаква отштета, бидејќи двајцата фудбалери се со истечени договори и без никаква отштета доаѓаат на „Алијанц Арена“.

Левиот бек Гереиро минатата сезона со голем успех настапуваше за Борусија Дортмунд, а откако ја загуби трката за титулата од Баерн реши да ја прифати токму понудата на баварскиот гигант.

„Се слушнав со Тухел и кога ми ја претстави својата визија за моето место во тимот, веднаш посакав да дојдам. Јасно ми е дека ќе морам уште повеќе да напредувам, но мотивиран сум и верувам дека ќе им докажам на сите дека заслужувам да играм во еден ваков гигант“, изјави Гереиро.

Лајмер е играч за врска кој може да настапува на неколку различни позиции во средниот ред, а токму неговата универзалност го прави идеално засилување во тактичките замисли на Тухел.

„Јасно ми е дека доаѓам во клуб со огромна конкуренција за секое место во тимот. Сепак, се чувствувам подготвен за овој предизвик, да покажам што знам и умеам во дресот на Баерн“, порача австрискиот репрезентативец во таборот на шампионот на Германија.

Се вчитува...