Баерн Минхен го избра наследникот на Салихамиџиќ

Баерн Минхен ја пополни и втората дупка во управата на клубот по летната смена на Оливер Кан и на Хасан Салихамиџиќ, откако денеска и официјално беше именуван нов спортски директор на најтрофејниот германски клуб.

Салихамиџиќ доби отказ по турбулентната ланска сезона, во меѓувреме беше разговарано со неколку кандидати, за на крајот изборот да падне врз Криштоф Фројнд, Австриецот кој со голем успех ја извршуваше функцијата спортски директор на Салцбург. Откако Баерн се согласи да плати отштета за да го доведе новиот директор на „Алијанц Арена“, тој денеска и официјално потпиша договор со германскиот гигант. Според договорот, тој ќе продолжи да раководи со трансферите на Салцбург до 1 септември, по што и официјално ќе се пресели во Минхен.

„По разговорите со одговорните лица во Баерн, ми стана јасно дека овој клуб е сериозен нов предизвик за мене. Со нетрпение очекувам да почнам со работа, да помогнам тимот да остане успешен и во иднина, да игра убав фудбал и да биде трофеен и на меѓународно ниво. За мене е исклучително важно клубот за кој работам да биде клуб со идентитет, а Баерн дефинитивно го исполнува тој услов. Бескрајно сум благодарен на луѓето во Салцбург, клуб во кој минав прекрасни 17 години. Ќе продолжам да работам најдобро што знам до крајот на овој преоден рок, по што ќе заминам во Баерн“, изјави Фројнд.

Се вчитува...