Баерн му се одмазди на Хофенхајм, конечно – победа и на Борусија Дортмунд

Баерн Минхен уште повеќе се зацврсти на врвот на бундеслигашката табела по победата од 4-1 над екипата на Хофенхајм. Токму Хофенхајм му го нанесе најубедливиот пораз на Баерн во првиот дел од сезоната, декласирајќи го шампионот со 4-1, но баварскиот гигант денеска со иста мера му возврати на ривалот. Боатенг ја отвори серијата голови на „Алијанц Арена“, меѓу стрелците се запишаа и Милер, Левандовски и Гнабри, додека единствениот погодок за Хофенхајм беше дело на Крамариќ, пред крајот на првото полувреме за намалување на негативата на 2-1.

Борусија Дортмунд ја прекина серијата од три меча без победа (два порази и едно реми), триумфирајќи на домашен терен против Аугсбург со 3-1. Мечот имаше лош старт за „милионерите“, не само што гостите први поведоа, туку и Халанд веднаш по тој гол промаши пенал. Сепак, Дилејни погоди во вистински момент за израмнување на 1-1, за во вториот дел со голот на Санчо и автоголот на Удокхаи тимот од Дортмунд конечно да стигне до трите бода.

Ајнтрахт ја продолжи серијата добри игри со триумф над Херта од 3-1. Гостите од Берлин поведоа во второто полувреме, но Ајнтрахт направи целосен пресврт во завршните дваесетина минути, постигнувајќи три гола преку Силва (два) и Хинтерегер.

Супердраматично беше во Бремен, каде Вердер со гол во 93. минута требаше да слави против Шалке, но тој погодок беше поништен со ВАР, па дуелот заврши со поделба на бодовите (1-1).

Резултати Германија:

Вердер – Шалке 1-1, Ајнтрахт – Херта 3-1, Ун. Берлин – Борусија М. 1-1, Борусија Д. – Аугсбург 3-1, Баерн М. – Хофенхајм 4-1.

Се вчитува...