Баерн понуди 100 милиони евра за Кејн!

Баерн Минхен не се откажува од намерата да го ангажира Хари Кејн како суперзасилување за наредната сезона, па баварскиот гигант веќе ја подготви и третата понуда за англискиот голгетер, и тоа во висина од 100 милиони евра. Весникот „Билд“ тврди дека понудата е веќе испратена до Тотенхем и челниците на баварскиот гигант се во исчекување на одговор од Даниел Леви, се со цел што поскоро да го комплетираат трансферот на големиот ас.

Кејн во меѓувреме отпатува со Тотенхем на подготовки во Азија, но денешниот дуел на „спарси“ против Лестер беше откажан поради обилните дождови во Куала Лумпур. Голгетерот делува максимално фокусирано, нема намера да поднесе официјално барање за трансфер, но од друга страна и јасно покажал дека нема намера да потпише нов договор со Тотенхем, зголемувајќи го притисокот врз клуб кој ќе мора да го продаде летово, бидејќи во јули 2024 година Кејн ќе може да си замине без никаква отштета.

Во меѓувреме, германските медиуми обелоденија дека сопругаа на Кејн со членови на семејството минала неколку дена во Минхен, барајќи куќа во која би живееле, но и разгледувајќи училишта и градинки во регионот.

Се поизвесно е дека англискиот репрезентативен напаѓач летово ќе се пресели на „Алијанц Арена“, а единствената дилема е дали трансферот ќе изнесува 100 милиони евра или Леви ќе успее да издејствува уште десетина милиони пред да даде зелено свето за заминување на својот капитен.

Се вчитува...