Бајиќ: Имаме проблеми уште на самиот старт, но наше е да направиме што можеме со тоа што го имаме

Кошаркарската репрезентација на Македонија ги почнува квалификациите за пласман на Светското првенство 2023 година со натпреварите против Шпанија (26. ноември) на домашен терен и Украина (29. ноември) на гости.

Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, Драган Бајиќ вели дека има многу проблеми, но дека ќе дадат максимум на двата меча.

„Среќен сум што имам шанса да работам со овие момци и да тргнеме во овие квалификации против светски првак како Шпанија. Имавме доста проблеми во претквалификациите, минавме со доста проблеми, останавме без некои играчи. Списокот беше поширок, но го скратив на 15 играчи, но уште во првиот ден останав без три играчи. Лејсон Зекири не се јави на повикот, Младеновски дојде на собирот, но имаше проблеми со вирус, па голем е ризикот да го впуштиме во овој натпревар, затоа што може да ја зарази екипата. Ѓуроски исто така дојде, почувствува болки во мускулот, ги направивме сите прегледи и тој исто така нема да помогне“, вели Бајиќ кој потоа додаде;

„Тука сигурно ни фалат пет играчи, кога ќе видиме дека ги немаме Стојановски, Димитријевиќ и Јакимовски. Тие да беа тука, можеби ќе го почнеа натпреварот против Шпанија. Мора што добро да се подготвиме за овој натпревар. Не треба јас да ги мотивирам за Шпанија, туку тие самите. Кошаркарите знаат како треба да се однесуваат кон овој дрес. Без разлика во кој состав доаѓа, Шпанија е силен тим. Тука е и селекторот Скариоло. Но, како што кажав претходно, сум победувал посилни со послаби тимови. Влегуваме во овој дуел со самодоверба, не смееме да губиме многу топки, да ја сопреме транзицијата на противникот и да играме меч со малку поспор ритам.

„Сум имал шанси да играм против шпански тимови со клубови, се работи за еден систем на кошарка кој бара доста работа и влог за да се победи. Мора да ја играме нашата игра, за да се адаптираме на мечот кој следи. Немам притисок за резултатот, цел од моето доаѓање е да ја подмладам оваа репрезентација и да создадам тим кој во иднина ќе игра на Европско, а зошто да не и на Светско првенство“.

Се вчитува...