Бајиќ ја имаше првата прозивка: Жалам што не можеме да ја покажаме вистинската сила

Сениорската репрезентација на Македонија со утринскиот собир во А1 Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје, денеска ги стартуваше подготовките за последните два натпревари во квалификациите за Светскиот Куп кој ќе се игра во 2023 година.

На првата прозивка на селекторот Драган Бајиќ се појавија сите 14 повикани кошаркари: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Тео Симиќ, Андреј Јакимовски и Рубин Стефанов.

Тоа е добрата вест за стручниот штаб, предводен од селекторот Драган Бајиќ кој ги кажува своите очекувања во пресрет на јулскиот ФИБА „прозорец“

„Добро е познато дека уште ги немаме загубено шансите кога говориме за шансите за следниот круг, туку од Украина. Мора да ги одиграме што е можно подобро последните два меча. Повторно сме хендикепирани, ни недостасуваат неколку играчи… Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа“, вели Бајиќ.

Селекторот вели дека мора да постои стратегија како понатаму…

„Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча“- најавува Бајиќ инволвирање на некои од младите играи кои се најдоа на списокот за јулскиот квалификациски циклус“, заврши Бајиќ.

Нашиот национален тим прво гостува кај Шпанија (1, јули), а потоа за крај следи домашен меч со Украина (4 јули). Селекторот Драган Бајиќ го собра најдоброто во моментов и на тренингот располагаше со вкупно 14 кошаркари.

Се вчитува...