Бајиќ: Просечната возраст на репрезентацијата изнесува 24 години

Новиот селектор Драган Бајиќ со својот стручен штаб од денеска почна со работа со сениорската репрезентација на Македонија. Претходните денови тој тренираше со неколку млади кошаркари и потенцијални репрезентативци кои треба да бидат потпора на поискусните, но оние кои го носеа товарот претходните години, од денеска влегоа во тренажен процес под водство на новиот селектор.

Меѓу присутните ги немаше Ненад Димитријевиќ и Американецот Вајли, потоа повредениот Стојан Ѓуроски, како и браќата Војдан и Дамјан Стојановски, за кои од претходно беше познато дека нема да бидат дел од репрезентацијата во овој претквалификациски циклус.

„Се надевам дека ќе можеме да ги повториме резултатите од некоја не толку далечна иднина. Се што правевме од почетокот на моето преземање е со таа цел и јас од него не планирам да се откажам. Сакам репрезентацијата да се подмлади, да направиме некој план и пат за во иднина за да успееме да се вратиме на големите натпреварувања. Од моето назначување, се обидов да ги следам сите кандидати за националниот тим, разговарав со сите нив и избрав некои момци на кои сега можам да сметам. Ќе бидат тука 16 кошаркари кои ќе ги користиме во тренажниот процес и сите ќе конкурираат за репрезентацијата. Просечната возраст изнесува околу 24 години и мислам дека тоа треба да биде патот за иднината“– рече Бајиќ пред првиот собир на сениорите во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.

Се вчитува...