Бајиќ: Резултатот не е важен, ние градиме игра за наредните години…

Селекторот на македонската репрезентација, Драган Бајиќ, немаше многу причини за задоволство по денешната партија на нашите кошаркари, кои со пораз од Шпанија од убедливи 29 поени разлика го стартуваа новиот квалификациски циклус.

На македонскиот селектор му е јасно дека градењето на репрезентацијата е долготраен процес, затоа и потенцираше дека конечниот исход не треба да биде пресуден во анализите за натпреварот.

„Пред се честитки на Шпанија за заслужената победа. Благодарност до публиката што дојде во голем број за да ни даде поддршка. Што се однесува до самиот меч, можам да бидам задоволен во голем дел од првото  полувреме, но она што го најавив и пред мечот, Шпанците имаат квалитет и го докажаа тоа во вториот дел. Генерално сум задоволен од првото полувреме, освен она што го барав од играчите – дека не смееме да брзаме и да ја губиме главата во нападот. Секогаш кога тоа ќе се случеше, противникот ги казнуваше нашите грешки. Шпанија влезе уште поагресивно во одбраната во второто полувреме, изнудија бројни грешки и стигнаа до убедлива победа. Резултатот не е толку важен, овие момци што ги тренирам покажаа карактер, а некои работи и недостатоци не можеме да ги корегираме за така краток период. Битно е да почнеме да градиме стил на игра што ќе ја краси оваа репрезентација во наредните години, затоа велам дека резултатот не е пресуден“, изјави Бајиќ на прес-конференцијата по натпреварот.

Џејкоб Вајли му ја честиташе победата на противникот, најавувајќи подобро издание на наредниот меч, на гостински терен против Украина.

„Јасно е дека Шпанија е добра селекција. Наша цел беше да излеземе и да се бориме, го направивме тоа во првото полувреме. Горд сум на нашиот тим, особено на младите момци, кои покажаа карактер и потенцијал. Пред нас сега е наредниот меч со Украина на кој се надевам на подобра игра и победа“, истакна Вајли.

Се вчитува...