Бајиќ: Задоволен сум од првиот меч и покрај поразот, ќе бидеме уште подобри

Македонската кошаркарска репрезентација со пораз од Црна Гора ги започна подготовките за престојните претквалификации за Светското првенство 2023. Избраниците на селекторот Бајиќ одиграа солидно прво полувреме, но не успеаја да ја пренесат добрата игра и во вторите 20. минути.

Селекторот вели дека е задоволен од прикажаното во првиот натпревар и дека оваа репрезентација има место за напредок.

„Со оглед на тоа дека ова беше нашата прва контролна средба, можам да бидам задоволен, дури и повеќе од тоа. Она што го барам од нив, момците го испочитуваа во таа фаза до натпреварот (прва). Во продолжението, се почуствува онаа ‘ширина’ која Црна Гора ја има во ростерот во однос на нас. Се виде дека се на некои два-три степени погоре во однос на физичка сила која и пресуди да бидат победници. Не гледам премногу на крајниот резултат, но сигурно е дека следува комплетна анализа на второто полувреме“

„Знаете дека Вајли се приклучи подоцна, дека во моментов е на некои 20-30% од онаа вистинска форма. Но знам дека како ќе одминуваат деновите, така тој ќе ја пронајде и својата игра, не се сомневам во тоа. Момците имаа вистински пристап кон поставените задачи, особено во тоа прво полувреме кое треба да е насока за наредниот меч кој ни следува со истиот противник. Видлива беше таа енергија кај нив, да бидат што е можно подобри во дуелите со физички посилните противници. Имаме добра атмосфера, која е потребна за турнирски систем  на натпреваривање. Одиме понатаму низ подготовките“, изјави Бајиќ.

Во следниот тест нашата репрезентација повторно ќе се сретне со Црна Гора. Овој натпревар ќе биде одигран во среда исто така во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...