Бакајоко од Монако во Челси за 40 милиони евра

Темуе Бакајоко од Монако ќе биде првото големо засилување на Челси за следната натпреварувачка сезона откако Антонио Конте успеа да ја добие битката за големиот борец на средината од теренот, кој зад себе имаше извонредна сезона во дресот на „кнезовите“. За услугите на 23-годишниот Бакајоко се интересираа и Манчестер сити и Манчестер јунајтед, но Конте успеа да го убеди овој фудбалер да му се приклучи на актуелниот првак на „Стемфорд бриџ“.

Монако ќе добие огромни 40 милиони евра за Бакајоко, а самиот играч викендов допатувал во Лондон, на финални разговори со челниците на лондонскиот клуб. Неофицијално, тој ќе добие понуда од 100.000 фунти неделно во следните четири години, по што по лекарските прегледи ќе го стави својот потпис на договорот со Челси.

Ангажманот на Бакајоко ќе значи дека достапен за трансфер станува Немања Матиќ, кој лани беше стандарден првотимец. Српскиот интернационалец е желба на Јувентус, но и на неговиот поранешен стратег Жозе Мурињо во Манчестер јунајтед, а Челси ќе бара 20 милиони фунти за неговите услуги.

По ангажманот на Бакајоко, Конте ќе се насочи кон доведување на нов голгетер (на врвот на листата со желби му е Ромелу Лукаку) и ангажман на уште еден врвен дефанзивец, испраќајќи понуди за Ван Дајк од Саутемптон и за Бонучи од Јувентус.

  

Се вчитува...