Доналд Трамп и Џани Инфантино ја отворија „Пандорината кутија“. Од вчера, реално, секоја национална асоцијација, па дури и самите влади на државите, имаат целосно право да вршат притисок врз ФИФА и да лобираат кај нејзините лидери за последователно поништување на одлуките на судијата.
Ова се директните последици од големата контроверзност во која се вклучени ФИФА и претседателот на САД, Доналд Трамп, кој не го криеше фактот дека побарал и добил укинување на суспензијата на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун. Во истата секунда, се отвори сериозно прашање за конзистентноста на дисциплинските критериуми на светската фудбалска организација.
Случајот, кој предизвика бурни реакции низ целиот фудбалски свет, стана еден вид преседан во историјата на фудбалот и причина за лансирање бран жалби од националните тимови кои веруваат дека биле оштетени во слични ситуации.
Франција беше првата што одлучи да преземе конкретен чекор. Актуелниот вицешампион на светот се пласираше во четвртфиналето со победа од 1-0 над Парагвај, но крајот на натпреварот донесе ситуација што може да има сериозни последици за остатокот од турнирот.
Мајкл Олисе доби жолт картон на крајот од натпреварот по дуелот со Матијас Галарза. Парискиот „Л’Екип“ пишува дека Француската фудбалска асоцијација подготвила жалба со барање за откажување на јавната опомена.
Причината е самиот тек на спорната ситуација. Галарза падна на теренот држејќи се за лицето по контактот, но телевизиските снимки јасно покажуваат дека Олисе го држел само за дресот, без никаков удар или контакт во главата.
На прв поглед, станува збор за обичен жолт картон, но за Французите, оваа одлука има многу поголемо значење. Доколку Олисе добие уште една јавна опомена во четвртфиналниот натпревар против Мароко, тој автоматски ќе го пропушти полуфиналето на Светското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
