Барди: Го оставаме Гибралтар зад нас, фокусот е Ерменија

По остварениот зацртан триумф против Гибралтар и победничкиот старт во Лигата на нациите македонската репрезентација денеска се враќа за Скопје, веднаш насочувајќи ги мислите кон дуелот против Ерменија в недела на националната арена „Филип Втори“.

Фудбалерот на Леванте, Енис Барди вели дека сите во националниот тим се задоволни од реализираната прва победа сега комплетно фокусирајќи се на средбата со Ерменците.

„Никогаш не е лесно на почеток на едно ново натпреварување. Затоа победата и трите бода од дуелот со Гибралтар се најважни. Мора да признаеме дека во второто полувреме одигравме малку поопуштено, имавме и одредени недостатоци во играта но сето тоа беше последица и на двата гола од првиот дел и на желбата да зачуваме сили за тоа што следи во недела. Гибралтар е зад нас а сега мислите комплетно се кон Ерменија. Малку останува време да се одмори и добро да се подготвиме за неделниот дуел“ – вели Барди.

Натпреварот со Ерменија в недела на „Филип Втори“ се игра со почеток од 18 часот. Во првото коло Ерменците славеа на домашен терен против Лихтенштајн со 2-1.

Се вчитува...