Барди ќе го спасува Фулам во борбата за опстанок?!

Фулам го очекува тешка битка за опстанок во Премиер-лигата, но еден од главните адути на лондонскиот клуб во оваа борба би можел да стане Енис Барди, доколку се реализираат најавите за трансфер на македонскиот репрезентативец во клубот од „Крејвен котиџ“. Клаудио Раниери неодамна седна на клупата на Фулам и на првите натпревари не успеа да го разбуди заспаниот тим, но на италијанскиот стратег му било ветено дека ќе може да донесе две нови засилувања во јануари за да ги пополни главните дупки во екипата, во средниот ред и во одбраната.

Газдата Шахид Кан минатото лето потроши над 100 милиони фунти на играчи по вкусот на Славиша Јокановиќ, но откако српскиот стратег не успеа да го вкомпонира тимот доби отказ, па сега Раниери дополнително ќе го засилува играчкиот кадар. Британските медиуми јавуваат дека високо на листата со желби кога станува збор за играчите за врска се наоѓа токму Барди. Македонецот неодамна потпиша нов договор со Леванте, со клаузула за раскин од 25 милиони евра, но во Фулам се надеваат дека за сума од околу 15 милиони евра би можеле да го осигураат потписот на нашиот интернационалец. Барди сезонава е стандарден првотимец во Леванте, со самиот потпис на новиот договор се гледа на него сериозно се смета, но исто така е јасно дека клубот на Валенсија добро ќе размисли за продажба доколку добие интересна понуда за негов трансфер.

Ако се знае дека Барди пристигна од Ујпешт за сума од 1,2 милиони евра, Леванте ќе има можност да заработи повеќе од десет пати од парите што ги плати за неговите услуги, па интересно ќе биде да се следат случувањата во претстојниот преоден рок, дали Барди ќе остане во „Примера“ или пак кариерата ќе ја продолжи во Премиер-лигата.

Се вчитува...