Барди: На добар пат сме, мислам дека секој од нас добро ќе ја темпира формата за квалификациите за ЕП 2024

Македонија ремизираше (1-1) со Финска во првиот од двата пријателски натпревари во рамките на подготовките за новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2024.

Енис Барди одигра квалитетен дуел истакнувајќи дека сепак ова е само еден тест кој треба да покаже во која насока треба да се составува тимот за стартот на квалификациите во март следната година.

„Мислам дека полека се враќаме во форма сите играчи. Добро е што повторно се враќаме со минутажа во клубовите затоа што имавме помала минутажа, а тоа се гледа дека е многу важно и за игрите на репрезентацијата. Поинаку изгледаме кој секој од нас игра во својот клуб. Мислам дека сме на добар пат, и само да продолжиме на овој начин. Ова беше еден добар тест, секако има работи кои ќе треба да се поправат, но мислам дека секој од нас добро ќе ја темпира формата за мартовскиот старт на квалификациите“ – истакна Барди.

Од оваа сезона Барди е член на турскиот Трабзонспор каде мораше да мине извесен период на адаптација пред на вистински начин да се вклопи во тимот.

„Нова средина, нов амбиент, нов клуб и треба малку време за адаптација. Но, навистина сум среќен во Трабзонспор затоа што сум во голем клуб кој секогаш се бори за врвот во турскиот шампионат и настапува во Европа, а тоа беше и мојот сон поради кој го прифатив овој предизвик“ – вели Барди.

Се вчитува...