Барди: Заслужена победа која можеше да биде и поубедлива, со оваа поддршка од трибините верувам во многу позитивни нешта во овие квалификации

Енис Барди не го криеше задоволството од трите бода против Малта на стартот од новиот квалификациски циклус, нагласувајќи дека заслужената победа можела да биде и уште поубедлива ако се искористеа сите шанси во второто полувреме.

Барди во финишот на мечот имаше и еден извонреден шут од слободен удар, но гредата спречи негов погодок и за триумф од 3-1.

„Дојдовме до заслужена победа, и покрај тоа што знаевме дека ќе биде тежок натпревар затоа што нема едноставно лесен меч во модерниот фудбал. Но, мислам дека во второто полувреме бевме навистина доминантни, имавме поконкретни завршници и сигурно можевме и до поубедлива победа затоа што имавме навистина одлични шанси. Но, среќни сме со оваа победа затоа што ни беше многу важна на стартот од еден нов квалификациски циклус“ – изјави по мечот Барди.

Триумф кој секако многу значи пред следните јунски предизвици против селекции како Англија и Украина.

„Јас и претходно кажав дека мора да одиме чекор по чекор. Ете, првиот чекор го поминавме и сега е секој следен предизвик, затоа што овој циклус ќе биде нешто ново за нас во исклучително тешка група. Но, сите доаѓаме ментално силни во репрезентацијата и желни за нови докажувања. На секој ден меч ќе дадеме се од себе за позитивни резултати. Да бидам искрен многу потешко е да се игра против Малта која постојано се брани, отколку со фаворити против сигурно ќе имаме дополнителен мотив. Но, на домашен терен со нашите навивачи и со оваа поддршка од трибините верувам дека можеме уште до многу позитивни резултати“ – истакна Барди.

Се вчитува...