Барнли направи џиновски чекор кон обезбедување на опстанок во елитното друштво по победата од 1-2 на гостувањето против Ватфорд. Успехот е уште поголем ако се знае дека Ватфорд имаше водство се до 83. минута, за Барнли да постигне два гола во самиот финиш преку Корк и Браунхил, за огромни три бода. Со овој триумф Барнли сега има 34 бода на 17.место на табелата, пет повеќе во однос на Евертон во битката за опстанок, но и два одиграни меча повеќе во однос на тимот од „Гудисон Парк“. За Ватфорд овој пораз значеше губење на речиси сите шанси за опстанок, со оглед на фактот дека лондонскиот тим на четири кола до крајот има 12 бода помалку од Барнли и од Лидс, кои се наоѓаат во „сигурната зона“.
Норвич загуби со 2-0 на гостувањето против Астон Вила, со што „канаринците“ и дефинитивно на четири кола до крајот ги загубија сите шанси за опстанок во елитата и се селат во Чемпионшип-дивизијата. Воткинс и Ингс беа стрелци на головите со кои тимот на Стивен Џерард ја прекина сопствената црна серија од четири средби без триумф во Премиер-лигата.
Брајтон на гостински терен го декласираше Вулверхемптон со 0-3. Гостите најпрвин не реализираа пенал преку Мекалистер при 0-0, но продолжија со доминацијата и стигнаа до цел плен со головите на Мекалистер (од пенал во 41. минута), Тросар и Бисума.
Кристал палас на гостински терен го совлада Саутемптон со 1-2, домаќините водеа по првиот дел преку Ромеу, но Палас стигна до пресврт со головите на Езе и на Заха (во 92.минута)
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА