Барселона го именуваше Ханси Флик за нов тренер, по што каталонскиот гигант ги насочи погледите кон засилување на играчкиот кадар. Добро познати се финансиските проблеми со кои се соочуваат каталонците во последните години, па јасно е дека Лапорта ќе мора да продаде барем една „ѕвезда“ на тимот за да има буџет да ги исполни желбите на новиот тренер, а според последните информации тоа многу лесно може да биде Рафиња.
Имено, клубови од Саудиска Арабија покажале сериозен интерес да го доведат крилниот офанзивец во своите редови, при што е испратена понуда од огромни 100 милиони евра за поранешниот фудбалер на Лидс. Рафиња се разбуди и заигра подобро во финишот од сезоната, но во секој случај станува збор за играч кој настапува на иста позиција како и суперталентираниот Јамал, па претседателот Лапорта сериозно размислува да ја прифати оваа понуда. Потешкиот дел од задачата ќе биде да се убеди самиот фудбалер, ако се знае дека Рафиња во јануари одби богата понуда од Саудиска АРабија јасно ставајќи до знаење дека не планира да си замине од европскиот фудбал.
Каталонците ќе се обидат да го убедат Бразилецот да ја прифати оваа понуда, со што Лапорта и Флик би имале доволен буџет за нови засилувања во тимот. Приоритет ќе биде ангажманот на Кимих од Баерн Минхен, голема желба е и Луис Дијаз, но тука проблем е отштетата од 80 милиони евра што ја бара Ливерпул. Исто така, Лапорта и Флик се едногласни во желбата да се задржат Кансело и Жоао Феликс, но останува да се види како ќе течат преговорите со Манчестер Сити и со Атлетико Мадрид за двајцата португалски интернационалци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА