Барса го избра наследникот на Чави, овој тренер веќе е во клубот

Барселона беше елиминирана од Лигата на Шампионите, трката за титулата во Ла Лига е речиси сигурно загубена, а Чави во неколку наврати веќе повтори дека нема намера да го промени својот став и летово дефинитивно ќе си замине од кормилото на каталонскиот гигант. Прва желба беше да се убеди сегашниот тренер да остане, но откако стана јасно дека тоа не е возможно каталонците веќе неколку седмици разговараат со потенцијалните кандидати за негов наследник, а според последните информации претседателот Лапорта и директорот Деко донеле и конечна одлука на оваа тема.

Мексиканецот Рафа Маркез ќе биде тренер на Барселона од наредната натпреварувачка сезона, откако овој 45-годишен стручњак ја добил довербата на највисокото раководство на Барса. Деко пред еден месец изјавуваше дека Маркез се уште не е доволно искусен за така одговорна функција, но во меѓувреме очигледно работите се променети.

Каталонците сакаат „човек од клубот“ да го наследи Чави, а Маркез веќе две години е предводник на Б тимот на Барселона, кој игра со многу сличен систем како и првата екипа. Згора на тоа, Мексиканецот би барал значително помала плата од останатите кандидати, а и нема да бара премногу скапи засилувања во текот на летово, што со оглед на финансиските проблеми на каталонскиот гигант е многу значаен фактор во одлучувањето.

Претходно Барселона беше поврзувана со Де Зерби, Флик и Аморим како сериозни кандидати за наследници на Чави, но според каталонските медиуми, изборот на крајот паднал врз Рафаел Маркез, кој како играч освои две титули во ЛШ и четири во Ла Лига со Барса.

Се вчитува...