Барса го реши Кил, ќе ја брани европската круна против Киелце

Барселона славеше на полуфиналниот дуел со Кил (34-30), со што каталонскиот гигант се избори за пласман во големото финале на Лигата на Шампионите, во обид да стане прв тим што ја одбранил европската круна во „Ланксес Арена“ во Келн. Германскиот тим одигра фуриозно прво полувреме, но немаше сили да го издржи темпото, Барса знаеше да го искористи минутите на доминација, во вистински момент да се одлепи и да стигне до заслужен билет за финалето.

Кил тргна одлично во нападот од самиот почеток, создавајќи им огромни проблеми на каталонците пред се преку Винчек, кој претставуваше нерешлива енигма од стартните минути. „Зебрите“ го контролираа резултатот, но не успеваа посериозно да се одлепат. Алеиш Гомез беше одличен во нападот на Барселона, долго време се играше „гол за гол“, а интересно е што се до финишот од првото полувреме ниту еден од тимовите не успеа да создаде разлика поголема од еден погодок. Дика Мем стрелаше прецизно во празна мрежа за предност на Барселона од 19-17, но сепак на одмор се замина со водство на каталонците од 19-18, по новиот погодок на Винчек.

Кил ослабен без Пекелер и Сагосен не можеше да го издржи ваквото пеколно темпо, па како што одминуваше времето во второто полувреме, така Барселона целосно ја преземаше контролата над играта и резултатот. Јиха се обидуваше на сите начини, побара тајмаут, Кил тргна и со „седум на шест“, но одбраната на чело со Перез де Варгас во второто полувреме функционираше беспрекорно. Позитивата на каталонците се зголемуваше од минута во минута, десното крило Гомез продолжи да стрела прецизно од сите позиции, па Барса на седум минути до крајот имаше одлични шест гола предност (32-26).

Германците никогаш не се предаваат, па тоа беше случај и со „зебрите“ на денешното полуфинале, тие продолжија со борбена игра, преполовувајќи ја негативата на три гола (32-29) на нецели четири минути до крајот. Нгесан погоди во клучен момент за Барса, Перез де Варгас на спротивната страна го запре Вајнхолд, за осигурување на победата што на крајот беше изразена со конечните 34-30.

Гомез Абелјо беше незапирлив со 12 гола од вкупно 13 обиди, Дика Мем постигна четири гола за Барселона, додека Перез де Варгас имаше 11 успешни интервенции. Во таборот на Кил најефикасни беа Винчек со седум и Рајнкинд со шест гола.

Се вчитува...