Барса ќе игра со Валенсија и ќе преговара за Родриго

Барселона попладнево ќе излезе на мегдан на „Месталја“ во обид да стигне до цел плен на незгодното гостување против Валенсија. Фудбалерите ќе водат битка на теренот, а посетата на овој град ќе ја искористи и управата на Барса, за директни преговори за ангажман на најдобриот фудбалер на „лилјаците“, шпанскиот репрезентативец Родриго.

Каталонците се најдоа во небрано по повредата на Луис Суарез, па иако во меѓувреме се шпекулираше со имињата на Обамејанг и Пјонтек, се чини дека изборот на тренерот Сетиен е паднат врз Родриго, доколку управата успее да се договори со Валенсија за деталите од овој трансфер. Клучните преговори ќе се одржат во текот на денешниот ден, по дербито на „Месталја“, а останува да се види дали клубовите можат да се договорат за условите на позајмица до крајот на сезонава.

Валенсија инсиситраше на вклучување на клаузула за задолжителен откуп на крајот од сезонава, во висина од околу 60 милиони евра, но таа опција не им одговара на челниците на Барселона. Каталонците се подготвени да внесат клаузула за „казна“, со што би доплатиле околу пет милиони евра доколку решат летово да не го задржат Родриго на „Камп Ноу“. Токму ова ќе биде темата на која ќе се „кршат копјата“ на денешните преговори, па доколку се најде заеднички јазик, Родриго веќе утре би заминал на лекарски прегледи во Барселона.

Се вчитува...