Барса ќе пазарува од Торино, желба е екс-фудбалер на Реал Мадрид!

Како гром од ведро небо одекна веста дека управата на Барселона ќе стори сѐ зимава да ја ангажира поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Алваро Мората, кој веќе неколку години настапува за Јувентус.

Според еден од најпопуларните спортски медиуми во Шпанија, весникот Марка, ова е барање на тренерот Чави Ернандез од управата, за кое да се оствари мора да се вклучи и Атлетико Мадрид, клуб со кој фудбалерот има договор. Шпанскиот напаѓач лани се пресели во Торино на двегодишна позајмица, за која италијанскиот клуб плати 20 милиони евра.

„Јувентус е во економска и спортска криза, поради што нема да биде изненадување ако би сакал да се ослободи од Мората. Особено, што како нови напаѓачи на ‘бјанконерите’ се споменуваат играчи како Мауро Икарди и Аркадиуш Милик“, пишува Марка.

Задоволен од ваквиот трансфер би бил и Атлетико Мадрид, кој би добил пари кои би ги искористил да го исплати долгот кон Каталонија за трансферот на Антоан Гризман токму од Барса (откупот на договорот на Гризман ќе го чини Атлетико 40 милиони евра). Мората сезонава постигна седум голови на 23 средби, а претходно има играно за екипи како Реал Мадрид и Челси, кој за него во 2017 година плати дури 66 милиони евра.

Се вчитува...