Барса може да здивне: Меси ќе игра со Бетис

Ернесто Валверде конечно доби и позитивна вест по бројните проблеми на стартот на сезонава, откако Лионел Меси се појави на денешниот тренинг на Барселона.

Аргентинецот беше надвор од стројот петнаесетина дена, а поради повреда на мускулот на ногата го пропушти дуелот од првото коло, на кој Барса загуби од Атлетик Билбао со 1-0. Каталонците во меѓувреме ги загубија Суарез и Дембеле поради повреда, па од напаѓачите во комбинација за настап остана единствено Гризман, кој се уште се адаптира на стилот на игра на својот нов клуб.

Сепак, ситуацијата е многу полесна откако Меси попладнево тренираше со остатокот од екипата. Со оглед на фактот дека има сосема доволно време до второто коло и дуелот со Бетис, јасно е дека Аргентинецот ќе биде „фит“ за да помогне и да го предводи тимот во обидот да се стигне до првата победа од новата сезона.

Се вчитува...