Барса се искачи на врвот на „Ла лига“

Барселона се искачи на првото место на табелата во „Ла лига“ откако каталонскиот гигант вечерва во фантастичен натпревар со 4-2 славеше над Севилја, екипата што беше лидер во пресрет на ова коло.

Лионел Меси беше во главна улога во првите десетина минути со асистенција до Кутињо и гол за водство од 2-0, но најголемата ѕвезда на Барселона потоа се повреди и мораше да го напушти теренот. Без помошта на Аргентинецот Барса успеа да стигне и до трет гол, постигнат од страна на Луис Суарез од пенал, пред Сарабија да погоди за 3-1 со помош на Ленглет.

Мора да се истакнат извонредните интервенции на Тер Штеген, кој со неколку одлични одбрани при 2-0 и 3-1 и не им дозволи на гостите да се изборат за драматичен финиш на овој дерби-дуел.

Во самиот финиш беа постигнати уште два гола, најпрвин Ракитиќ погоди за 4-1 и не го славеше голот против својот поранешен клуб, пред Муриел со прецизен удар од работ на шеснаесетникот да ги постави конечните 4-2 на овој одличен дерби-дуел.

Барселона сега има 18 бода, еден повеќе од сензацијата Алавес на втората позиција, трета е Севилја со 16, исто колку и Атлетико Мадрид, додека Реал Маддрид се наоѓа на петтото место на табелата со четири бода заостанување во однос на Барса, во пресрет на големото дерби што наредниот викенд ќе се игра на „Камп ноу“.

Се вчитува...