Барса славеше среде Мадрид во кошаркарското „Ел Класико“

Барселона славеше на кошаркарското „Ел Класико“, на гостински терен против Реал Мадрид со резултат 75-85, нанесувајќи им го на „кралевите“ само вториот пораз во АЦБ-лигата оваа сезона. Двата тима полека, но сигурно се комплетираат по бројните случаи со коронавирус во изминатиот месец, а каталонците подобро се снајдоа на оваа средба, го контролираа резултатот и заслужено стигнаа до триумф.

Барса беше подобра во почетните минути, но Реал заигра супериорно пред крајот на првата четвртина, завршувајќи го овој дел од мечот со водство од 24-18. Тоа беше најдобриот период во играта на „кралевите“, бидејќи каталонскиот гигант потоа ја презеде контролата над играта и резултатот. Барселона во третата четвртина имаше „плус десет“, а избраниците на Јасикевичиус потоа имаа и 12 поени предност на почетокот од четвртиот период (56-68). Реал Мадрид успеа да се врати, се приближи на само два поени разлика, имаше и нереализиран напад за израмнување, по што Барса беше подобра во завршните минути и на крајот триумфираше со двоцифрена разлика (75-85).

Шанли и Курич со по 17 постигнати поени беа најефикасни во победничкиот тим, додека први стрелци во редовите на Реал Мадрид на вечерашното „Ел Класико“ беа Таварес со 12 и Љуљ со 11 поени.

Се вчитува...