Барса во офанзива: Почнаа преговорите за Ерлинг Халанд

Реал Мадрид креира тим од соништата со договорениот трансфер на Килијан Мбапе, но Барселона не планира премногу долго да седи со скрстени раце. Одговор на каталонскиот гигант се очекува да биде Ерлинг Халанд, норвешката суперѕвезда што растура во дресот на Манчестер Сити и би можела да се реши за нов предизвик во кариерата во иднина.

Агентката на Халанд, Рафаела Пимента во текот на вчерашниот ден била забележана на состанок во центарот на Барселона, каде на спротивната страна од неа седел директорот на каталонскиот гигант, Португалецот Деко. Иако Пимента има и други врвни фудбалери за клиенти, информациите од Каталонија велат дека тема на разговорот бил само Ерлинг Халанд и шансите за негова преселба на „Камп Ноу“.

Добро познато е дека Барса се соочува со сериозни финансиски проблеми, но Лапорта излезот го гледа во стартуваше на Супер-лигата. Овој проект треба да донесе една милијарда евра на сметката на каталонците, пари со кои не само што ќе биде покриен минусот, туку и ќе остане сериозен буџет за звучни засилувања. Токму затоа се почнуваат преговорите за Халанд, кој има договор со Сити до 2027 година, но во него има и клаузула што му овозможува заминување за соодветна отштета.

Останува да се види дали Барса ќе тргне во офанзива во текот на летово што би значело и продажба на Левандовски во Саудиска Арабија, или ќе го почека стартот на Супер-лигата за заедно со Халанд да донесе уште неколку засилувања со кои би му парирала на Реал Мадрид во годините што следат.

Се вчитува...