Барселона ја победи Ла Риоха во последната проверка пред Вардар

Борко Ристовски со екипата на Барселона на гостувањето во Логроњо славеше победа против Ла Риоха со 25-32 во натпреварот од 6.коло во шпанската АСОБАЛ лига. Следна дестинација за тимот предводен од Чави Пасквал ќе биде Скопје на саботниот дуел со Вардар во Лигата на шампионите.

За Барселона ова беше уште една рутинска победа во шпанското првенство. Иако Ла Риоха е еден од потешките противници во шпанската лига, Барселона уште еднаш ја потврди својата доминација и без поголеми проблеми стигна до шестата победа по ред сезонава.

Словенечкиот десен бек, Јуре Доленец беше непогрешив на вечерашниот меч со седум погодоци од исто толку обиди. Борко Ристовски запиша две, а Гонзало Перез де Варгас 11 одбрани на голот на Барселона.

Од Логроњо, Барселона со чартер лет во петок треба да пристигне во Скопје, дуелот со Вардар е в сабота со почеток во 17.30 часот.

Се вчитува...