Барселона со пресврт до победа против Нант

Борко Ристовски со Барселона славеше победа на домашен терен во дуелот со францускиот Нант со Кире Лазаров во составот, со 31-25, во натпреварот од 4.коло во Лигата на шампионите. Во натпреварот со многу пресврти каталонскиот тим беше во вистински ритам во решавачките моменти и ја запиша третата победа сезонава.

Барселона имаше иницијативата и на три пати три гола предност во првата четвртина од натпреварот кога стигна до четири гола предност (9-5) и во втората половина од второто полувреме кога направија комплетен пресврт и ја осигураа третата победа сезонава. Нант предводен од Кире Лазаров, во средината на полувремето направи серија од 5-1 и го презеде водството. Македонскиот бек немаше милост за својот поранешен клуб, со три погодоци и неколку асистенции беше еден од краторите на пресвртот за францускиот тим кој на одмор замина со водство од 13-16.

Сигурната игра на Нант продолжи и во првите десетина минути од вториот дел кога гостите стигнаа и до +5 поведувајќи со 13-18. Барселона неколку минути не успеваше да стигне до реализација, а потоа шпанскиот шампион ги консолидира своите редови, ја покажа својата сила и за неколку минути комплетно го сврте мечот. Капитенот Виктор Томас го предводеше нападот на Барселона во серијата од 4-0 по која домаќините изедначија на 19-19, а потоа повторно ја презедоа иницијативата поведувајќи со 22-21. До крај Нант тешко се снаоѓаше против сигурната одбрана на Барселона, Гонзало Перезе де Варгас го „читаше“ секој шут на Лазаров, а Барса ефикасно ја казнуваше секоја грешка на противникот и на крај славеше сигурна победа.

По шест гола за Барселона постигнаа Камил Сибжак и Дика Мем, а пет од пет имаше капитенот Виктор Томас. На голот на Барселона успешна серија имаше шпанскиот репрезентативец Гонзало Перез де Варгас, а Борко Ристовски на овој меч остана на клупата. Кај Нант, по пет гола постигнаа Ромен Лагард и Рудолф Фалувеги, а Кире Лазаров заврши со четири погодоци.

По првите четири кола, Барселона се изедначи со Вардар со седум бода на врвот на табелата во групата А, а Нант е на петата позиција со три бода.

Се вчитува...