Басконија го отпиша Реал од трката за врвот

Европскиот првак Реал Мадрид ги загуби шансите за освојување на првото место во регуларниот дел од Евролигата, откако „кралевите“ вечерва загубија на гостувањето против Басконија со резултат 86-76. Мечот беше многу значаен за домаќините, кои се во трка за осмото место кое води во четврт-финалето, па кошаркарите на Басконија влегоа многу помотивирани во натпреварот и заслужено се радуваа на победата. Домаќините клучната предност ја создадоа во третата четвртина, Реал дојде до „минус четири“ во последниот период, но Басконија го издржа последниот налет и стигна до значајни бодови.

„Кралевите“ по овој пораз на две кола до крајот од лигашкиот дел се наоѓаат на третото место на табелата, со две победи помалку од Фенербахче и една помалку во однос на второпласираната ЦСКА Москва.

Пуарие со 19 поени и 16 скокови беше најзаслужен за победата на Басконија, 18 постигна Видоза, додека кај Реал тотално потфрли Серхио Љуљ, реализирајќи пет поени со шут за тројка (0/8).

Жалгирис лесно и убедливо славеше над Дарушафака со 94-67, додека Макаби триумфираше на гостувањето во Русија против Химки со 71-76.

Се вчитува...