Батум: Кога видов дека Дончиќ додава, знаев…

Николас Батум беше херојот на француската репрезентација на денешниот дуел со Словенија, откако искусниот кошаркар во последната секунда го блокираше обидот за положување на Клемен Препелич, осигурувајќи ја минималната победа на „триколорите“ и нивниот пласман во големото финале.

Лука Дончиќ ја имаше топката при последниот напад за Словенија, асот на Далас го проигра Препелич, кој во прв момент го мина Батум, но НБА-кошаркарот го сочека пред таблата и го блокираше неговиот обид за победа.

„Видов дека има уште 14 секунди, а топката е кај најдобриот напаѓач во светската кошарка. Тогаш тој додаде, го видов тоа и знаев една работа… дека морам да најдам начин да го спречам. Знаев дека ќе успеам, среќен сум за себе и за цела Франција. Морав да се поправам по претходните грешки“, изјави Батум.

Тој се осврна и на критиките што ги има добивано при настапите за Франција во изминатиот период.

„Во кариерата имам одиграно добри натпревари за репрезентацијата, но имам впечаток дека се паметат само оние лошите. Моите слободни фрлања со Шпанија во 2016, па полуфиналето со Аргентина… Дали оваа блокада ги брише тие лоши работи, мора да ги анулира тие грешки“, порача францускиот херој од полуфиналето на ОИ.

Се вчитува...