„Бед блу бојс“ не доаѓаат во Чаир да го бодрат Динамо Загреб против Шкупи

Навивачката група на Динамо Загреб, популарните „Бед блу бојс“, вообичаено ги следат фудбалерите на хрватскиот првак на европските гостувања, но тоа дефинитивно нема да биде случај во второто коло од квалификациите за ЛШ доколку Шкупи го мине тимот на Линколн и се избори за двомеч со Динамо.

Со оглед на растојанието меѓу двата града за очекување беше „модрите“ да имаат поддршка од трибините, но Динамо токму на својот прв европски меч (во првото квалификациско коло оваа екипа е слободна) ќе мора да ја одлежи казната од ланската сезона.

Имено, дивеењето на хрватските хулигани на последниот овосезонски меч во Севилја, на и околу стадионот придонесе УЕФА жестоко да реагира, по што Динамо беше казнет со 30.000 евра и еден меч забрана за патување на навивачите на хрватскиот првак.

Тоа гостување беше последно на Динамо минатата сезона, поради што казната се пренесува за 2022/23, европската сезона што „модрите“ би ја отвориле со двомеч со Шкупи, доколку македонскиот првак најпрвин успее да го елиминира Линколн.

Се вчитува...