Бејл од јануари во Шангај Шенхуа?

Герет Бејл е решен да си замине од Реал Мадрид во јануари, но никако не прифаќа да биде „мамец“ во преговорите со Манчестер Јунајтед за Пол Погба. Велшкиот ас јасно ставил до знаење дека нема намера да се пресели на „Олд Трафорд“, а негова единствена опција во моментов е преселба во далечната Кина.

Трансферот во оваа земја во текот на летото пропадна буквално во „пет до дванаесет“, но Бејл се надева дека Шангај Шенхуа овојпат ќе успее да се договори со Флорентино Перез околу висината на отштетата. Ниту еден европски клуб не е подготвен да му даде на Велшанецот нето плата од 17 милиони евра годишно (толку заработува во Реал), стравувајќи од неговата склоност на повреди. Шангај е подготвен да му даде и повисока плата (тригодишен договор за вкупна сума од над 70 милиони евра), но и да плати околу 10 милиони евра за да добие зелено светло за трансфер од Реал.

Во меѓувреме, тој отпатува за Лондон за да ја санира најновата повреда, јасно ставајќи им до знаење на „кралевите“ дека нема намера да настапува додека не е стопроцентно подготвен за камбек. Зинедин Зидан ионака не смета сериозно на крилниот офанзивец, па со ова патување и тренерот на Реал добива „мир во куќа“.

А во меѓувреме, сите ќе го очекуваат јануари, за Бејл конечно да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.

Се вчитува...