Бејл останува во Мадрид, Реал не го дава „гратис“

Герет Бејл нема да ја продолжи кариерата во Кина откако Реал Мадрид го блокирал трансферот во Џиангсу Сунинг, поради инсистирањето на кинескиот клуб да го доведе велшкиот ас без притоа да плати ниту едно евро отштета на „кралевите“. Кинезите му нудеа плата на Бејл од еден милион евра неделно во следните три сезони, но се напомена дека тој ќе мора самиот да издејствува (или да си плати) за да замине како слободен играч од Реал.

Флорентино Перез не сакаше да чуе за такво нешто и пред еден месец, кога се појавија првите шпекулации на оваа тема, а првиот човек на Реал остана на истиот став и во последните денови, откако Сунинг ги интензивираше преговорите со агентите на Бејл.

Би-Би-Си јавува дека овој мега-трансфер е „мртов“, додавајќи дека преодниот рок завршува во среда, па Сунинг нема ниту доволно време за да стартува преговори со Реал и да ги договори сите детали од еден вака компликуван трансфер. Во ситуација кога Зидан остана без повредениот Асенсио, големи се шансите „кралевите“ воопшто да не го продаваат велшкиот интернационалец во овој преоден рок.

Се вчитува...