Бејл повторно ги пецна „кралевите“: Ми нема рамен, дефинитивно сум број еден голфер во Реал Мадрид!

Герет Бејл се уште е надвор од теренот поради повреда на коленото што ја заработи минатиот месец. Фудбалерот на Реал Мадрид треба да се врати на терените за еден месец, а досега оваа сезона успеа да одигра само три натпревари за кралскиот клуб и постигна еден гол.

Бејл се врати во Реал ова лето по едногодишна позајмица во Тотенхем, кој на крајот не го откупи неговиот договор. Но, Велшанецот сигурно беше среќен кога Карло Анчелоти одлучи да го врати во кралскиот клуб, поради што повторно скокна во преден план и стана јасно дека ќе добие нова шанса во Реал.

Навивачите во претходните сезони најмногу му замерија на Герет што Реал не беше на прво место, а Бејл не го криеше тоа. Во една прилика, тој позираше со знамето на Велс, на кое напиша – „репрезентација, голф, и дури потоа Реал Мадрид“.

Познато е дека Бејл е голем симпатизер на голфот и често го поминува слободното време со овој спорт. Во изјава за шпанските медиуми, тој дури и се пошегува дека е убедливо најдобриот голф играч во Реал Мадрид.

„Во Реал Мадрид, од целиот тим, само јас и Куртоа играме голф. Можам да кажам дека јас сум најдобриот голф играч во Реал Мадрид. Куртоа сигурно не е подобар од мене. Ја користам секоја прилика да бидам дел од голф турнирите затоа што навистина уживам. Неверојатно е колкав притисок имаат голферите. Имаме притисок и во фудбалот, но не толку. Голфот е многу поинтелигентен спорт каде што чувствувате неверојатен притисок на теренот бидејќи сте тука сами и немате соиграчи. Иако знам како да играм пред полн стадион од 80.000 навивачи, сепак, чувствувам поголем притисок кога играм голф”, заклучи Бејл.

Се вчитува...