Бекам со порака до Роналдо: Tвоето место е во Јунајтед!

Дејвид Бекам беше само една од многуте спортски ѕвезди кои вчера се најдоа во центарот на вниманието на трката за Големата награда на Мајами, но тоа беше добра шанса за новинарите да го искористат легендарниот англиски репрезентативец и за фудбалски изјави.

„Скај Спортс“ како медиум кој пренесува Формула 1 не можеше да одолее и го интервјуираше Бекам во Мајами, односно му постави неколку прашања за Манчестер Јунајтед, за ужасната сезона на тимот и за иднината на Кристијано Роналдо.

„Кристијано Роналдо е на врвот заедно со Меси цели 15 години. Тоа што гледаме дека се уште е тука е навистина посебно. Се надевам дека ќе остане во Јунајтед, тоа е мојата порака. Сите знаеме што значи Кристијано за фановите на Јунајтед. Тој се уште го прави тоа што го прави секогаш. Постигнува голови и креира шанси за тимот. Се надевам дека ќе остане во тимот уште една сезона или две“, изјави Бекам.

Дејвид истакна дека поддршката на фановите од трибините значи дека постои се уште доверба во клубот, па дополнително потенцираше дека местото на Роналдо е во Јунајтед!

„Во Јунајтед мора да има промени ова лето и гледаме дека ќе следи такво нешто. Ова беше многу тешка сезона, доаѓа крајот на сезоната и сите фанови се благодарни што доаѓа крајот. Ова беше тешка сезона со многу подеми и падови, но најважно е што се уште доаѓаат фанови на трибините, тоа е голема утеха. Бев на „Олд Трафорд“ пред извесно време и стадионот беше полн, секое место беше пополнето. Тоа значи дека фановите се уште веруваат во тимот, се уште го поддржуваат клубот. Овие фанови секогаш ќе бидат тука за играчите, такви се навивачите на Јунајтед. Минаа низ многу тешки моменти, но се уште го полнат стадионот и тоа доволно говори какви фанови има Јунајтед“, заврши Бекс.

Се вчитува...