Бекс ќе биде газда, доби дозвола да создаде нова франшиза во МЛС – лигата

Еден од најдобрите англиски фудбалери на сите времиња, Дејвид Бекам, денеска официјално доби дозвола да започне фудбалска франшиза во Мајами. По Орландо, во државата Флорида ќе има уште еден фудбалски клуб кој ќе игра во МЛС – лигата во САД, а ќе го носи името Мајами.

Идејата на екс-фудбалерот на Манчестер јунајтед и Реал Мадрид по четири години конечно се реализира. Бекам имаше една желба која ја стави како клаузула во договорот кога го менуваше „кралскиот“ дрес со оној на ЛА галакси, по неговото пензионирање да добие дозвола да изгради франшиза која ќе се натпреварува во највисоко рангираната лига во САД.

Фудбалскиот клуб Мајами ќе биде 25. клуб кој ќе се натпреварува во оваа лига, а официјално своето учество ќе го започне во 2020 година. До тогаш треба да се изгради и новиот стадион на клубот, за кој претходно Бекам беше два пати одбиен поради неповолен избор на локација за изградба на арената, но пред извесно време се најде решение, стадионот ќе биде сместен во предградието на градот Мајами. Во следниот период ќе се одлучува за боите на клубот како и за логото, а Бекам посочи дека новоформираното раководство ќе се консултира со жителите на градот кои во иднина ќе бидат и фанови на истиот клуб.

„Мојот сон станува јаве. По четири години напорна работа конечно се реализираше мојата идеја. Бев упорен да го остварам ова и мило ми е што конечно дојде до согласност со федерацијата на САД. Нашата цел е јасна, да ги направиме горди сите навивачи кои ќе го поддржат овој клуб, во Мајами, па и целиот свет. Нашиот стадион ќе биде место на кое сите фудбалски фанови ќе уживаат во добра претстава, но пред се квалитетен фудбал“, изјави екс-капитенот на Англија.

Се вчитува...