Белерин останува во Арсенал, доаѓа и Лаказет

Хектор Белерин настапуваше за младата фудбалска репрезентација на Шпанија до 21 година на Европското првенство во Полска, а по завршувањето на финалниот меч што „црвената фурија“ го загуби од Германија со 1-0, откри дека ќе остане во редовите на англискиот премиерлигаш Арсенал и следната сезона. Иако за него имаше интерес од Барселона, сепак, многу веројатно е дека ќе остане на „Емирати“ најмалку уште една година.

„Имам актуелен договор со Арсенал и треба да се појавам во тренинг кампот на мојот клуб. Убаво ми е во Лондон, и се надевам дека следната сезона ќе ни биде поуспешна. Сега одам на заслужен одмор, да бидам малку со семејството, со пријателите, а потоа повторно му се враќам на фудбалот со клупските обврски“, изјави Белерин.

Од Франција доаѓаат информации дека напаѓачот на Лион, Александре Лаказет ги договорил личните услови за трансфер во Арсенал. Останува во наредниот период да се договори и висината на отштетата за реализација на трансферот. Лион за својот голгетер бара сума од 65 милиони евра.

Раководството на Арсенал напоредно работи и на можноста да ги задржи своите најдобри фудбалери, Алексис Санчез и Месут Озил, но ќе има потешкотии пред се затоа што „топчиите“ во новата сезона нема да бидат дел од Лигата на шампионите.

Се вчитува...