Белгија прераснува во едно од најнепријатните изненадувања на овој светски шампионат откако „црвените ѓаволи“ и по вториот меч во групната фаза се уште не знаат за победа. Откако во првото коло одиграа 1-1 со Египет, избраниците на селекторот Гарсија вечерва потфрлија и против Иран, играјќи 0-0 против оваа азиска селекција.
Гарсија на овој дуел не можеше да смета на Доку, шанса од првата минута доби Ромелу Лукаку, но белгискиот џин не беше на посакуваното ниво, не успевајќи да се снајде во бројните дуели со иранските дефанзивци. Иран ја имаше најубавата шанса во првото полувреме, кога Тареми погоди по маестрално изведениот слободен удар што ја измами белгиската одбрана, но овој гол беше поништен поради минимален офсајд на стрелецот Тареми.
Белгија продолжи со притисокот, Де Кујпер имаше извонредна шанса, но од пет метри не успеа да го совлада фантастичниот Беиранванд, кој иако легнат на земја сепак успеа да реагира и да ја сочува мрежата незатресена.
Meчот доби поинаков тек во 67. минута, кога Нгој по една почетничка грешка го фаулираше протинвичкиот фудбалер, за што заслужено доби црвен картон. Белгија и со играч помалку се обидуваше да стигне до триумф, Де Кујпер повторно шутираше опасно, но не успеа да ја затресе мрежата, па „црвените ѓаволи“ на крајот мораа да се задоволат само со еден бод на овој натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
