Белград пак ќе „гори“: Црвена Звезда повторно е дел од европската елита

Црвена Звезда втора година по ред ќе биде дел од групната фаза во ЛШ откако српскиот првак вечерва во фантастична атмосфера на „Маракана“ ремизираше 1-1 со Јанг Бојс, елиминирајќи го швајцарскиот првак поради повеќе постигнати голови на гостински терен (првиот меч во Берн заврши 2-2).

„Црвено-белите“ знаеја како да го контролираат мечот, па иако гостите имаа повеќе од поседот над топката, српскиот првак добро ги затвораше приодите кон својот гол. „Црвено-белите“ први поведоа во 59. минута, кога Родиќ одлично втрча по левата страна и нафрли кон петерцот, каде Вукановиќ се снајде одлично и донесе радост на преполните трибини на арената во Белград. И кога се чинеше дека српскиот клуб ќе го исконтролира мечот до самиот крај, „резервистот“ Бен се посрамоти постигнувајќи автогол, со глава менувајќи го летот на топката по безопасниот удар на еден гостински фудбалер.

Во самиот финиш Јанг Бојс се обиде да стигне и до втор гол, но голманот Борјан повторно беше херој на Црвена Звезда како и во претходната рунда против Копенхаген, со одлична интервенција спасувајќи ја својата мрежа во 90. минута.

Пласман во групите од ЛШ обезбеди и Олимпијакос откако грчкиот гигант славеше и на вториот меч со Краснодар, овојпат на гостински терен со резултат 1-2.

Се вчитува...