Белорусите мотивирани пред Македонија: Заигравме како што умееме, сега треба така и да продолжиме

ЕКИПА во Љубљана, 

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Белорусија е четвртиот предизвик за македонските одбојкари на Европското првенство во Словенија. Вечерашниот ривал влегува посебно мотивирано во дуелот со Македонија откако синоќа оствари фантастичен триумф против Финска со супер пресврт (3-2 во сетови) иако беше во негатива од два сета. Сега посакуваат и победа над Македонија.

Сјархеј Бусел беше најдобар блокер на дуелот со шест активно сопрени напади на противникот и најави дека Белорусија има намера да победи и против Македонија.

„Ова е голема победа за нас, мотивација да одиграме добро и против Македонија и да оствариме триумф кој ќе не доближи до осминафиналето. Како да се ослободивме од притисокот по првите два загубени сета со Финска и конечно заигравме како што знаеме. Сега треба во ист стил да продолжиме и на следните мечеви“, изјави Сјархеј Бусел, еден од најдобрите белоруски одбојкари.

Мечот меѓу Белорусија и Македонија ќе биде одигран во вечерниот термин во арената „Стожице“.

Се вчитува...