Бензема покажа зошто е број 1 во Реал сезонава

Реал Мадрид славеше со убедливи 3-0 на домашен терен против Атлетик Билбао, а најзаслужен за триумфот на „Сантијаго Бернабеу“ беше Карим Бензема. Францускиот ас постигна хет-трик, уште еднаш покажувајќи зошто е убедливо најдобар фудбалер на Реал сезонава.

„Кралевите“ се мачеа да го скршат отпорот на гостите од Баскија во првиот дел, но затоа во второто полувреме стана полесно откако Бензема со прецизен удар со глава по центаршутот на Асенсио ја затресе мрежата. Французинот го постигна и вториот гол исто така со глава, а конечните 3-0 ги постави во самиот финиш, по големата грешка на гостинскиот голман.

Реал Мадрид со оваа победа е сигурен на третото место на табелата, со четири бода заостанување зад второпласираниот Атлетико и дури „минус 13“ во однос на Барселона.

Се вчитува...