Берлускони повторно во фудбалот, си купи клуб од третата лига

Поранешниот премиер на Италија и сопственик на Милан, Силвио Берлускони повторно се враќа во фудбалот откако денеска и официјално стана сопственик на италијанскиот третолигаш Монца.

Купувањето на Монца е официјализирано денеска на 82-от роденден на Берлускони. Во овој клуб ќе му се придружи и долгогодишната „десна рака“, Адријано Галијани кој е поставен на позицијата извршен директор.

„Фајнвест СпА, холдинг компанија во сопственост на семејството Берлускони, финализираше 100% аквизиција на Монца 1912“ – соопштија денеска од клубот.

Берлускони беше сопственик на Милан 31 година пред да го продаде во 2017 година. „Росонерите“ под негово водство освоија осум титули во Серија А и пет пати беа шампиони на Европа.

Адријано Галијани, пак, по преземањето на новата функција во Монца истакна дека со овој потег не го предал Милан туку дека се враќа само таму каде што се почнало. Инаку, Галијани е роден во Монца и од претходно имаше удели во овој третолигаш.

Се вчитува...