Веќе станува јасно – годините во кои Барселона важеше за шпански и европски фудбалски гигант се минато. Финансиските проблеми создаваа проблеми со години наназад, но целосниот колапс се случи – со заминувањето на Лео Меси од „Камп Ноу“. Каталонците не само што се далеку од „страв и трепет“ за противниците, туку се ривал што многу лесно може да се изненади, со оглед на недостигот на играчи од врвна класа кои можат да диктираат темпо и да донесат резултат.
Разликата во класи во однос на Баерн Минхен беше очигледна, па баварскиот гигант славеше и покрај одлуката на тренерот Нагелсман да одмори дел од првотимците. Тој меч немаше никакво значење за германскиот првак, беше дуел „да се биде или не“за Барселона, на кој избраниците на Чави дадоа се од себе, но само покажаа колку се далеку од европската фудбалска елита.
„Баерн е подобар од нас, беше супериорен. Дадовме се од себе, но брзо не совладаа. Ова е нашата реалност, мораме да работиме напорно, да дадеме се од себе за ваков резултат да не се повтори во иднина“, разочарано изјави тренерот Чави.
Проблемите на Барселона добро ги опиша стрелецот на првиот гол за Баерн, Томас Милер.
„Технички и тактички се добри, одлично поставени, но не можат да го издржат високиот интензитет на топ-фудбалот“, прокоментира Германецот.
Барса се фали со децата од својата академија што сезонава дебитираа во првиот тим,но повеќе од јасно е дека кај нив нема ниту искуство ниту пак екстра-квалитет што веднаш би направил разлика.А заминувањето на Меси надополнето со здравствените проблеми на Агуеро и повредите на неколку првотимци придонесе да се случи кошмарот – Барса по долги години да не се пласира во нокаут фазата од Лигата на Шампионите.
Ова ќе значи и дополнителен удар за финансиите на клубот, кој поради „дебелиот минус“ во кој се наоѓа не може да се надева ниту на топ-засилувања.
Ерата на Меси заврши, со тоа се чини заврши и ерата на успеси на каталонскиот гигант. А додека не се средат финансиите и не се состави нов моќен тим, ќе останат само спомените од „Беше еднаш една моќна Барселона“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА