„Беше сам во автомобил и тргна за Сплит, а после се врати со Џеко во Рома“

Босанскиот репрезентативец Един Џеко пристигна во Рома од Манчестер Сити пред речиси шест години и тоа беше одличен потег за него. Џеко стана еден од најдобрите напаѓачи на Рома во историјата, запишувајќи го своето име со златни букви на „Олимпико“.

Един пристигна во Рома летото 2015 година на позајмица од Манчестер Сити, а една година подоцна „волчицата“ го откупи неговиот договор.

Истакнатиот новинар Ди Марцио утрово на својата официјална веб-страница објави дел од сторијата за тоа како се случил трансферот на Џеко во римскиот клуб.

„Мора да доведеме силен напаѓач. Уморен сум веќе да го барам вистинскиот напаѓач. Мора да го најдеме најдобриот за нашиот тим, а тој игра за Манчестер Сити, и се вика Един. Јавете му се сега затоа што сакаме да го купиме”, кажал спортскиот директор Волтер Сабатини.

Неколку дена подоцна е воспоставен контакт со агентот на Џеко, па челниците на Рома биле изненадени кога дознале дека навистина имаат шанса да донесат вистински напаѓач. Репрезентативецот на Босна тогаш бил на одмор во Сплит, а Сабатини влегол во своето возило и патувал дури до таму за да склучи договор.

„Возеа од Венеција до Сплит и сметаа дека патувањето ќе биде кратко, но погрешија. Патуваа многу подолго, но беа решени да го донесат Џеко. По пет часа и „димна завеса“ во автомобилот од сите цигари што Валтер ги пушеше, тие пристигнаа на нивната дестинација. Ручаа со Един во еден ресторан и склучија договор. Покажаа дека сè е можно кога се сака “, пишува Ди Марцио.

Се вчитува...