Без Јагуриновски во наредните два меча на СП (У21) во Алжир

Десното крило на македонската младинска репрезентација, Томислам Јагуриновски не ќе може да настапи на последните два натпревари од групната фаза на СП (У21) во Алжир, против Шпанија и против Бразил кои се решавачки за пласман на Македонија во осминалето на мундијалот.

Јагуриновски доби два меча суспензија од ИХФ поради прекршокот што го направи на дуелот со Тунис и по кој заработе директен црвен, а потоа и син картон. Македонскиот репрезентативец во финишот на натпреварот, со лакотот удри еден од противничките играчи и судиите тоа го санкционираа со директен црвен и потоа и со син картон кој значи дополнително оценување на тежината на прекршокот и потенцијална санкција за играчот.

Како алтернатива за Јагуриновски на десната крилна позиција, селекторот Илија Темелковски го има Мице Шилегов, а по потреба може да помогне и десниот бек Мартин Велковски.

Македонската репрезенатција по првите три натпревари на СП има две победи против Русија и против Буркина Фасо и пораз од Тунис во вчераното трето коло. Следниот натпревар младинците го играат утре против главниот фаворит во групата Ц, репрезентацијата на Шпанија, а во последниот меч од групната фаза противник им е селекцијата на Бразил.

Првите четири репрезентации од групата продолжуваат во осминафиналето.

Се вчитува...