Прва „меч топка“: Одбојкарите бркаат триумф над Турција за пласман на ЕП

Македонската одбојкарска репрезентација вечерва (18 часот, „СЦ Борис Трајковски“) ќе го одигра вториот квалификациски натпревар за пласман на Европско првенство во 2021-та година, во кој за противник ќе ја имаме силната Турција. „Спартанците“ во првото коло ја победија репрезентацијата на Босна и Херцеговина, која вчера загуби и од фаворизираната Турција. Па, вечерва со старт од 18 часот, Македонија ќе го има вистинскиот тест-дуел, кон кој треба да пристапиме со уште поголема концентрација, сила и мотивација. Влогот е огромен, бидејќи триумф на денешниот дуел широко ќе ги отвори вратите за пласман на ЕП 2021.

Капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, не крие дека очекува далеку подобро издание од нашите одбојкари во однос на премиерниот дуел со БиХ.

„Очекувам подобра игра, имаме квалитет и истиот треба да го покажеме на терен. Верувам во уште една победа против Босна и Херцеговина, но се надевам барем и на една победа против силната Турција“, заклучи Ѓорѓиев.

Владо Милев кој заедно со Ѓоргиев беше меѓу најдобрите на првиот натпревар, вети дека Македонија против Турција ќе излезе многу помотивирана со цел да обезбеди уште една значајна победа.

„Против Турција ќе бидеме повеќе мотивирани, нашиот тим има направено анализа и имаме подготвено тактика како да пристапиме на овој натпревар. Мораме да го подобриме сервисот и приемот на противничкиот сервис, само така може да се надеваме на победа“, заклучи Милев.

„Црвено-жолтите“ се наоѓаат во група со Турција и со БиХ, двата турнири се играат во Скопје, а пласман на ЕП ќе обезбеди вкупниот победник во групата, како и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи.

Се вчитува...