Битка за тронот на ракометна Европа: Барса против проклетството наречено „Ланксес Арена“

Четирите најдобри ракометни клубови денеска и утре ќе водат битки во „Ланксес Арена“ во Келн, во завршниот турнир од Лигата на Шампионите. Улогата на актуелен првак ја има Барселона, а каталонскиот гигант пред себе ќе ја има и неверојатната традиција која вели дека ниту еден актуелен европски шампион наредната сезона не успеал да ја одбрани круната, откако завршницата беше преселена во Келн.

Задачата нема да биде нималку лесна, Барса во полуфиналето ја очекува пресметка со германски Кил, а потоа во случај на победа ќе се сретне со подобриот од првата полуфинална двојка Веспрем – Киелце. Барселона води во меѓусебните дуели со Кил, но го нема победено овој германски гигант во Келн, каде „зебрите“ славеа во двете пресметки со каталонскиот состав, во финалните дуели во 2010 и во 2020 година.

Кил се соочува со огромни проблеми на овој фајналфор турнир, откако тешки повреди во изминатите два месеци заработија двајца клучни првотимци, пивотот Пекелер и бекот Сагосен, кои ги очекува долга пауза од терените.

„Знаеме дека ќе имаме најмалку навивачи на трибините (најавени се околу 250), но нивната поддршка ќе ни биде навистина потребна. Сакаме да испишеме историја, да ја одбраниме ланската титула и да стигнеме до десеттиот трофеј во ЛШ“, изјави голманот Гонзало Перез де Варгас.

Веспрем е единствениот од четирите учесници на овој фајналфор турнир без ниту една европска круна, а унгарскиот гигант се надева дека токму годинава ќе успее да стигне до толку посакуваниот трофеј.

Дејан Манасков нема да настапи за Веспрем викендов, но Унгарците се надеваат на позитивен исход откако пред само неколку дена во драматична завршница останаа без титулата во домашниот шампионат, примајќи гол во последните секунди од Пик Сегед. Денешното полуфинале е реприза од големото финале во „Ланксес Арена“ во Келн, кога Киелце се врати од девет гола негатива во второто полувреме и на пенали успеа да стигне до титулата.

Едно е сигурно, денеска и утре ќе може да се проследи врвен ракомет, а останува да се види дали Барса ќе успее да го урне „проклетството“ наречено „Ланксес Арена“ или некој од останатите три тима ќе се закити со големиот трофеј.

Се вчитува...