Бјелица и Теодосиќ со различни коментари за дебаклот, кој е во право?

Србија најавуваше атак на олимписки медал, па затоа шокантно делува фактот дека кошаркарската репрезентација на нашиот северен сосед воопшто не се пласираше на ОИ во Токио откако во денешниот клучен меч со Италија претрпе заслужен пораз.

Србите целосно потфрлија во одбраната примајќи троцифрен број на поени (95-102), но клучните играчи на „орлите“ имаат сосема различно видување за натпреварот.

„Катастрофа, благо е да се каже дека ова денеска е неуспех. Од нас се очекува секогаш да победуваме, сакавме да го израдуваме нашиот народ, но не успеавме. Ја преземам одговорноста, не бегам од тоа, можам само да се извинам, ако нешто некому му значи. Со ваков пристап не ни заслужуваме да одиме на ОИ, одигравме ужасна кошарка. Треба да се види по кој пат ќе продолжи репрезентацијата, и јас самиот треба да се запрашам дали има смисла да продолжам да играм и во иднина“, изјави Немања Бјелица.

За разлика од него, плејмејкерот Милош Теодосиќ воопшто не беше самокритичен за изданието на српските кошаркари на денешниот финален меч од квалификацискиот турнир во Белград.

„Не верувам дека ние премногу потфрливме, колку што Италија одигра една извонредна средба. Не можам да им замерам на моите соиграчи на желбата и борбеноста. Ова беше лош ден, имавме и проблеми со повредите, но не бараме изговори. Ако почнеме со изговори, ќе набројуваме до утре, но треба само да им се честита на Италијанците, а ние да се обидеме да извлечеме нешто паметно“, порача Теодосиќ.

Се вчитува...